Брегалница подобра од Стеауа, нереализирани четири 100% шанси за реми без голови

Брегалница по одличната игра во последните 20 минути од средбата испушти можност за триумф против романската Стеауа Букурешт на пријателскиот натпревар кој се одигра во Банско, одигрувајќи дуел без голови.

„Сините“ беа многу подобар противник на теренот од Романците, посебно во второто полувреме кога не беа искористени дури четири 100% шанси, од кои беше потешко да се промаши.

По израмнетото прво полувреме во кое немаше никакви шанси на двете страни, најдобриот период во играта на Брегалница дојде во последните 20 минути од средбата, кога избраниците на Илчо Ѓорѓиоски целосно доминираа на теренот.

Во 74. минута 100% шанса за погодок имаше Димитриевски по проигрувањето од Алтипармаковски, но неговиот шут од 15 метри го одбрани противничкиот голман. Во 79. минута веќе и втората извонредна можност по нафрлувањето на Кудев од десната страна, но топката само сантиметри покрај левиот дирек од голот на Стеауа.

Во 82. минута и најголемата шанса за „сините“. Кудев, по проигрувањето од Алтипармаковски, изби сам пред гостинскиот гол но од 12 метри шутираше млако и противничкиот голман ја одбрани и најголемата шанса до тој момент на Брегалница за триумф. Но, во 90. минута уште една 100% шанса, кога по нафрлањето од слободен удар пред голот на Стеауа сами на неколку метри Мојсов и Ристевски кои не успеаја да го совлаваат противничкиот голман Динка, кој е најзаслужниот што Романците се спасија од пораз.



За Брегалница на дуелот против Стеауа настапија: Шчекиќ, М. Димитриевски, Мојсов, Ристевски, Борха Кордоба, Силјановски, Хаџановиќ, Ѓорѓиев, Касми, Додев и Ѓокиќ. Во второто полувреме уште играа: Коцев, Кудев, Михаилов, Алтипармаковски, Д. Димитриевски...