Брегалница договори пријателски натпревар со поранешниот европски шампион Стеауа од Букурешт

Во рамките на подготовките за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, Брегалница ќе одигра пријателски натпревар и со поранешниот европски шампион Стеауа од Букурешт.

„Сините“ договорија тест дуел со Стеауа Букурешт кој ќе се одигра на 18. јули во Банско, Бугарија.

Стеауа, која сега се натпреварува во Втората лига на Романија, во својата повеќе од богата историја има дури 26 шампионски титули во Романија, што го издвојува без конкуренција како најтрофеен клуб во својата земја. Зад името на Стеауа се запиша и 24 титули во Купот на Романија, како и шест трофеи во Суперкупот на оваа земја.

Европската шампионска титула за Стеауа е запишана во сезоната 1985/86, а во сезоната 1988/89 стигнаа и до финалето на Купот на европските шампиони. Во 1986 година го освоија и европскиот Суперкуп.

Брегалница претходно ќе одигра пријателски дуел и со Работнички на 9. јули во Штип, како и со српскиот прволигаш Трајал од Крушевац на 14. јули.