„Сините“ на 23. јуни стартуваат со летните подготовки!

Фудбалерите на Брегалница летните подготовки за стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига ги почнуваат во четврток (23. јуни). Претходно, на 21. и 22. јуни ќе бидат реализирани задолжителните лекарски прегледи, по што од 23. јуни ќе се почне со првиот тренинг под палката на шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски.

Согласно планот и програмата за работа на стручниот штаб, низ првите неколку денови подготовки ќе се работи во Штип, а потоа до почетокот на новата сезона во елитното друштво Брегалница во два наврати ќе реализира и по десетдневни подготовки во Пехчево.

За време на летните подготовки, планирано е и одигрување на пет пријателски натпревари. Веќе се утврдени датумите за пријателските дуели кои ќе се играат на 3. јули, 10. јули, 17. јули, 24. јули и генералката пред стартот на Првата македонска фудбалска лига на 31. јули. Имињата на противниците за пријателските натпревари дополнително ќе бидат соопштени.