Минимален пораз од Струга ТЛ во последните секунди од средбата

По одличното издание против Шкупи и убедливата победа од 4-1 на домашен терен, фудбалерите на Брегалница незаслужено загубија во 31. коло од Првата македонската фудбалска лига на гостувањето против Струга ТЛ, минимално со 1-0, со гол на домашните во 92. минута од средбата.

Брегалница имаше неколку одлични можности за погодок уште во првото полувреме, но останаа нереализирани, иако и голманот Денковски одлично интервенираше во неколку наврати во периодот од 25. до 35. минута кога домашните ја имаа иницијативата.

Во второто полувреме, низ првите минути рамноправна игра на средината од теренот, за да во 71. минута Дарко Додев ја имаше најголемата шанса на мечот, но по неговиот продор по десната страна и одличниот шут од 12 метри откосо, гредата спречи водство на „сините“.

По минути на мирна игра, во 81. минута втор жолт картон доби Бакрачески кој беше исклучен, па Брегалница последните десет минути од средбата ги играше и со играч помалку. Кога се чинеше дека натпреварот реално ќе заврши без голови и без победник, во втората минута од судиското продолжение, буквално во последните секунди од средба по едно невнимание во одбраната Струга ТЛ дојде до победа од 1-0 со голот на Валентин Кочоски.

Во следното, претпоследно коло од шампионатот, Брегалница викендов на домашен терен го пречекува Тиквеш.

ПРВА ЛИГА - 31. КОЛО
СТРУГА ТЛ - БРЕГАЛНИЦА 1-0 (0-0)

Градски стадион во Струга. Стрелец: Кочоски 90'+2 (С).