Убедлива победа над Охрид за четвртфинале во Купот на Македонија

Фудбалерите на Брегалница максимално ја оправдаа улогата на апсолутен фаворит во пресметката со Охрид Лихнидос во осминафиналето од Купот на Македонија, триумфирајќи убедливо со 4-0 (1-0) денеска на Градскиот стадион во Штип.

Убедлив триумф на избраниците на Марјан Секуловски за пласман во четвртфиналето на најмасовното домашно клупско натпреварување. Желбата за триумф беше очигледно од самиот почеток кај „сините“, па по серијата изгледни можности конечно првиот погодок следеше во 35. минута. Бобан Георгиев нафрли од корнер од десната страна, а извонреден во скокот со глава Ѓокиќ за водство од 1-0.

Во второто полувреме далеку порасположени стрелците на Брегалница. Најпрво водството беше зголемено со автоголот на охридскиот дефанзивец Цветаноски, а потоа во 69. минута мајсторски на 3-0 зголеми Андреј Кудијан кој по три месеци пауза поради повредата се врати на зелените терени.

Конечните 4-0 ги постави Мартин Стојанов во 90. минута одлично завршувајќи ја акцијата на Михаил Маневски по левата страна.

КУП НА МАКЕДОНИЈА (осминафинале)
БРЕГАЛНИЦА - Охрид Лихнидос 4-0 (1-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Ѓокиќ 35', Цветаноски 59'(аг), Кудијан 69', М. Стојанов 90' (Б).