Убедлив триумф над Македонија ЃП за пробив на четвртата позиција на табелата

Брегалница ја запиша најубедливата своја победа сезонава во Првата македонска фудбалска лига триумфирајќи со 4-1 против Македонија ЃП во 10. коло.

Повеќе од заслужен триумф на составот на Марјан Секуловски кој доминираше против „лавовите“ во текот на сите 90 минути. Натпреварот го одлучи извонредното прво полувреме на „сините“ кои тотално доминираа на теренот на Градскиот стадион во Штип.

Офанзивната игра од почетокот вроди со плод веќе во 16. минута, кога Додев одлично продре по левата страна, нафрли пред голот на гостите а одбиената топка од голманот на Македонија ЃП, одлично ја зафати Никола Ескиќ од осум метри сместувајќи во мрежата за водство од 1-0.

Атаците на Брегалница продолжија, постојано се нижеа можности на Стојанов, Додев, Ацковски, за да во 27. минута по прекрасното нафрлување на Коцев од десната страна Алтипармаковски мајсторски со волеј-удар смести за 2-0. Но, „сините“ не задоволувајќи се само со тоа во продолжението дојдоа и до трет погодок пред полувремето преку Мартин Стојанов од пенал во првата минута од судиското продолжение за 3-0.

Во второто полувреме, сосема очекувано, рутинска игра на фудбалерите на Брегалница кои низ мирна игра ја одржуваа предноста. Тоа го искористија гостите кои во 71. минута преку Абу Камара успеаја да постигнат почесен погодок. Но, тоа беше се од Македонија ЃП, а одличната игра на Брегалница ја заокружи Алтипармаковски со својот втор гол во 79. минута за конечни 4-1, откако одлично го искористи убавиот шут на Георгиев од левата страна.

Брегалница со овие три бода, сега со вкупно 16 по десет одиграни натпревари, се проби на четвртата позиција на табелата во очекување на следниот натпревар против Пелистер во Битола на 24. октомври.

ПМФЛ - 10. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Македонија ЃП 4-1 (3-0)

Градски стадион во Штип. Стрелци: Ескиќ 16', Алтипармаковски 27', 79', М. Стојанов 45' (п) - Камара 71' (МЃП)


РЕЗУЛТАТИ - 10. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Македонија ЃП 4-1
Ак. Пандев - Шкендија 2-1
Тиквеш - Шкупи 0-1
Струга ТЛ - Борец 1-1
Ренова - Пелистер 2-0
Работнички - Скопје 0-1