Алтипармаковски за сосема заслужена победа над Струга ТЛ!

Фудбалерите на Брегалница дојдоа до сосема заслужена победа од 1-0 против Струга ТЛ во 9. коло од Првата македонска фудбалска лига.

На натпреварот кој се одигра на Градскиот стадион во Штип, избраниците на Марјан Секуловски до трите бода дојдоа со погодокот на Марјан Алтипармаковски уште во 5. минута од средбата откако одлично реагираше со глава по нафрлувањето на вториот дирек од левата страна.

И по водството „сините“ продолжија со отворена игра и максимални напади кон противничкиот гол. Во 17. минута убава шанса имаше Додев но доби само жолт картон поради симулација во противничкиот казнен простор. Веќе во 18. минута извонредна можност и за Мартин Стојанов. Во 100% шанса Стојанов изби сам пред истрчаниот голман на гостите, но неговиот шут заврши покрај десниот дирек.

Во второто полувреме повторно Брегалница со далеку поконкретни шанси на теренот, наспроти гостите кои се обидуваа главно со шутеви од далечина. Во 55. минута најголемата шанса на натпреварот ја имаше Стефан Коцев. Изби сам пред голманот на Струга ТЛ, го лобуваше откосо од 15 метри и кога сите ја видоа топката во мрежата таа заврши сантиметри над гредата.

Во продолжението на мечот, Денковски во неколку наврати одлично реагираше по шутеви на гостите, а Кочоски во 94. минута ја погоди гредата во последната можност за израмнување.

За Брегалница сега следи двонеделна пауза поради настапите на репрезентацијата, по што на 17. октомври следи дуелот од 10. коло со Македонија ЃП во Штип.


ПМФЛ - 9. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - СТРУГА ТЛ 1-0 (1-0)

Градски стадион во Штип. Стрелец: Марјан Алтипармаковски 5'