Возбудлив натпревар, еврогол на Дујовски, реми и со актуелниот шампион Шкендија

Фудбалерите на Брегалница го запишаа и третото реми на стартот од сезоната во Првата македонска фудбалска лига, во дефинитивно најубавиот натпревар од првите три кола во елитниот домашен шампионат.

„Сините“ одиграа 3-3 (1-0) со актуелниот шампион Шкендија, доаѓајќи до бодот со феноменалниот погодок на Владимир Дујовски во втората минута од судиското продолжение. Иако претходно избраниците на Марјан Секуловски во два наврати имаа предност против тетовци од 1-0 и од 2-1.

Брегалница одлично го почна натпреварот со дебитантскиот гол на Марјан Алтипармаковски во 12. минута, по прекрасната акција почната од Михаил Маневски. Водството од 1-0 во раната фаза донесе и помирна игра, па „сините“ умешно ја контролираа играта во првите 45 минути.

Во второто полувреме Шкендија почна далеку поагресивно со континуирани напади, па дојдоа до случајно израмнување во 59. минута. Низ една сосема безопасна акција, Азиновиќ во обидот да расчисти неспретно реагираше пред голот постигнувајќи автогол за 1-1. Но, радоста на гостите кратко траеше затоа што веќе во 62. минута Мартин Стојанов одлично искористи една грешка во гостинската одбрана за 2-1.

Сепак, Шкендија во 81. минута повторно дојде до 2-2 со голот на Бесарт Ибраими, а по асистенцијата на Љупче Дориев. Во 89. минута шок за Брегалница. По играта со рака во шеснаесетникот на Азиновиќ, пенал за гостите кој умешно го користи Дориев за 2-3.

Кога се чинеше дека трите бода ќе одат во Тетово, на сцена стапи Владимир Дујовски кој во втората минута од судиското продолжение испрати вистински проектил од 25 метри постигнувајќи еврогол под гредата од голот на Шкендија за конечни 3-3. За повеќе од заслужен бод за „сините“ кои беа блиску и до првата победа во новата сезона, и тоа против бранителот на титулата.

ПМФЛ - 3. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - ШКЕНДИЈА 3-3 (1-0)

Градски стадион во Штип. Главен судија: Качевски (Струга). Стрелци: Алтипармаковски 12', Стојанов 62', Дујовски 90'+2 (Б) - Азиновиќ 59'(аг), Ибраими 81', Дориев 89'(п) (Ш).

ПМФЛ - 3. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Шкендија 3-3
Пелистер - Шкупи 0-2
Ренова - Борец 2-0
Тиквеш - Академија Пандев 0-2
Македонија ЃП - Скопје 5-1
Работнички - Струга ТЛ 0-0