Бакрачески: Овој тим на Брегалница покажува карактер

Фудбалерите на Брегалница како што посакуваа со две победи ја почнаа новата сезона во Втората лига - Исток. Сето тоа носи задоволство во редовите на „сините“, иако се повеќе од свесни дека неизбежно ритамот и формата мора да се одржуваат и во продолжението на шампионатот.

Паузата поради репрезентативните настапи се користи и за анализа на досегашниот дел од новата сезона. Фудбалерот од средниот ред Наумче Бакрачески е среќен што тимот покажува карактер кој треба да биде водач до крајот на сезоната.

„Согласно посакуваното успеавме да освоиме шест бода од првите два натпревари против Саса и Плачковица и со две победи да бидеме лидери на табелата. Најважно е што како тим покажавме карактер, иако игравме против навистина квалитетни противници. Сега се фокусираме на секој следен натпревар како би биле што подобри и повторно да победуваме. Имаме одличен тим, се надевам дека и понатаму ќе продолжиме со добрите игри па ќе ги реализираме зацртаните цели и амбиции“ - вели Бакрачески.

За време на паузата, Брегалница утре од 18 часот на Градскиот стадион во Штип ќе одигра и пријателски натпревар со Македонија ЃП.