Наумов: Минатата година четири бода загубени од дуелите со Саса не чинеа пласман во Првата лига

Брегалница утре од 17 часот во Македонска Каменица против Саса ја стартува новата сезона во Втората лига - Исток.

Во таборот на Добринко Илиевски владее оптимистичко расположение пред гостувањето во Македонска Каменица, но и максимален респект за секогаш незгодниот противник.

„Реализиравме успешни подготовки и покрај целокупната ситуација со која е зафатен и фудбалот поради пандемијата на коронавирусот. Сега конечно не чека фудбал. По долгата пауза подготвени сме за надигрување, за нас секој натпревар е повеќе од важен и секако со победа сакаме да ја почнеме новата сезона на гостувањето против Саса во Македонска Каменица“ - вели искусниот офанзивец Ристе Наумов.

Но, капитенот на „сините“ повикува на максимална претпазливост и сериозен ангажман на теренот доколку се сакаат трите бода.

„Не треба да потсетувам дека минатата година Саса ни одзеде четири бода кои многу не чинеа околу пласманот на табелата, тие беа одлучувачки да не играме во Првата лига. Добро знаеме дека Саса има исклучително квалитетен состав кој целосно го респектираме. Не чека тешко гостување, но нашиот императив е секако победата“ - вели Наумов.