Супериорен крај на подготовките во Анталија: Победа и против казахстански Кизилжар

Онака како што ги почна подготовките, на супериорен начин фудбалерите на Брегалница со триумф ја завршуваат својата двонеделна одисеја во Анталија. „Сините“ со победа од 2-0 (2-0) против казахстанскиот суперлигаш Кизилжар ги заокружија четирите тест дуели низ главниот подготвителен циклус.

Во надмоќен но повеќе од тежок натпревар на теренот на „Папилон“ во Белек, избраниците на Добринко Илиевски победата ја обезбедија по само половина час игра. Најпрво во 23. минута погоди централниот дефанзивец Јован Манев, а веќе во 27. минута и Пепи Ѓорѓиев се запиша во листата на стрелците за конечни 2-0.



Во второто полувреме, по бројните измени во двата состави, резултатот остана непроменет. Илиевски и за денешниот пријателски натпревар не можеше да смета на повредените Анес Османовски и Дарко Додев, кои успешно се опоравуваат но со желба да не се ризикува без изоставени од тест дуелите.

„Сините“ подготовките во Анталија ги завршија со три победи и едно реми, и гол разлика од 7-2.



Брегалница на натпреварот настапи во следниот состав: Талевски, Мирчевски, Стојчевски, Манев, Маневски, Бакрачески, Наумоски, Ацковски, М. Стојанов, Миленковски, Ѓоргиев. Во второто полувреме играа и: Давков, Рунтев, М. Ѓорѓиев, Цанев, Кудев, Д. Стојанов, Наумов, Цветков, Настевски.