Илиевски ги собра фудбалерите: Договорени првите две контроли против Борец и Пелистер (ФОТО)

Со првата прозивка на шефот на стручниот штаб Добринко Илиевски денеска и официјално е означен стартот на подготовките на Брегалница за пролетниот дел од сезоната во Втората лига - Исток. Со тренинзите се стартува утре на игралиштето во Бело Брдо.

Денеска беше реализиран единствено собир на тимот, на кој присуствуваше и засилувањето од Силекс, Дарко Додев, со презентација на комплетниот план на подготовките.

„Пред фудбалерите го презентирав планот на подготовките, очекувањата и амбициите за пролетниот дел од сезоната, а од утре стартуваат официјалните подготовки за пролетниот дел од шампионатот“ - вели шефот на стручниот штаб на Брегалница, Добринко Илиевски.

Брегалница веќе ги договори и првите две пријателски средби, со Борец во Велес на 23. јануари и со Пелистер во Штип на 31. јануари. На 2. февруари екипата заминува на подготовки во Анталија, Турција, каде до 15. февруари е планирано одигрување и четири пријателски средби.

Генералката пред стартот на пролетната сезона е планирана на 22. февруари против Каменица Саса. Вториот дел од првенството во Втората лига - Исток стартува на 29. февруари со пресметката против Кит Го.