ПРВАТА ОФИЦИЈАЛНА ИНТЕРНЕТ СТРАНИЦА НА ФК БРЕГАЛНИЦА (www.fkbregalnica.mk)

ФК БРЕГАЛНИЦА, конечно,... каква сите ја посакуваме! На прагот на одбележувањето на јубилејот „100 години - штипски сини“, ФК Брегалница го добива долго посакуваниот лик, со нов сопственик, нови амбиции, нов пат за добивање на местото во македонскиот фудбал кое го заслужува еден од најстарите фудбалски колективи во земјава.

Со добивањето, како свој сопственик и главен финансиер, на познатиот македонски стопанственик, Кирил Гогов, вистински спортски мецена кој ја препозна идејата за Брегалница на сите нас и за сите нас во вистинскиот сјај, ФК БРЕГАЛНИЦА дефинитивно отвора нова страница во својата историја.

Покрај бројните проекти кои се активирани за организациска и вистинска структурна поставеност во клубот, реновирање и обнова на комплетната спортска инфраструктура, инвестициски период за развој на фудбалот во Штип, но и воопшто во регионот, ФК БРЕГАЛНИЦА за првпат во историјата ја промовира и првата своја официјална интернет страница (www.fkbregalnica.mk). 

Интернет страница која со максимално засилен интензитет ќе биде сервис на сите најнови информации поврзани со клубот, неговите навивачи но и спортот во Град Штип. Покрај со најнови вести, интервјуа и разговори, интернет страницата пред Вас ќе изобилува со фотогалерии и фото-стории од натпреварите и најновите случувања во клубот. Официјалната интернет страница на ФК Брегалница во живо ќе ги пренесува и натпреварите на клубот, сето тоа потоа складирано и во архивска папка со најинтересните моменти и погодоци од секој натпревар, и сето тоа сервисирано и преку официјалните профили на социјалните мрежи.

ФК БРЕГАЛНИЦА е горда што зад себе има огромен број спортски поддржувачи, вистинска армија навивачи, пред која и натаму ќе ни биде чест отворено и транспарентно да ја сервисираме секоја новина од клубот.

Се читаме, во иднина, со засилено темпо!