Илчо Ѓорѓиоски: Против Шкендија во офанзивен стил како и досега, реализацијата мора да се подобри

Брегалница не беше надиграна од ниту еден противник на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, но осамнаа три порази пред се поради лошата реализација во нападот која потоа најчесто се казнува од противниците.

„Сините“ се пласираа и во четвртфиналето од Купот на Македонија по победата од 1-0 против Пелистер, но и овој натпревар можеше да заврши далеку поубедливо ако беа искористени барем мал дел од бројните шанси создадени за 90 минути.

Во 10. коло од шампионатот, утре во Тетово од 14 часот, Брегалница ја очекува дерби-пресметката против Шкендија, во натпревар за вистинско спортско надигрување. Шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски не отстапува од својот офанзивен концепт на игра, но сигурно очекува и далеку повисока процентуална ефикасност во нападот.

„Сигурно не отстапуваме од нашата филозофија на игра, а тоа е напаѓачки фудбал без разлика кој е противникот од спротивната страна. Така ќе биде и против Шкендија. Не може да искажам замерки за играчите од сработеното на терен, но останува уште, се чини, најголемиот проблем а тоа е реализацијата. Не можеме да бидеме задоволни од неефикасноста во нападот, но верувам дека на следните натпревари ќе биде многу подобро и од тој аспект“ - вели Ѓорѓиоски.

Натпреварот во Тетово ќе го суди најдобриот македонски судија, Александар Ставрев, а ќе му помагаат Дејан Костадинов од Скопје и Куштрим Лика од Кичево.