Кадетите ги стартуваа подготовките: По одличното трето место изминатава сезона, со уште поголеми амбиции за новата!

Кадетската екипа на ФК Брегалница ги стартуваше подготовките за новата сезона во македонскиот шампионат. 

По освоеното трето место минатата сезона во најсилната македонска лига извонредната генерација на Брегалница сега е со уште поголем мотив и амбиции за новите предизвици кои ги очекуваат во новата сезона.

„Освоеното трето место ни носи сега некако и обврска и мотив за уште подобри резултати следната сезона. Знаеме дека ова е голем успех за нашата генерација, но сигурно знаеме и дека екипата има потенцијал за битка и за првото место во следната сезона“ - вели координаторот на младинските школи на ФК Брегалница и тренер на кадетската екипа, Мијалче Прошев, притоа дополнувајќи дека сите во младинските категории на клубот се свесни дека до резултатите се доаѓа само со напорна работа.

„Јасно е дека ако сакаме успеси, но и изградба на вистински фудбалски потенцијал мора многу работа. Горди сме на резултатите од минатата сезона и победи од рангот на онаа од 1-5 на гостувањето против Вардар во Скопје, но знаеме и дека тие успеси не смеат да бидат само инцидентни, но мора да бидат во континуитет затоа што Брегалница е сигурно една од најдобрите фудбалски школи во Македонија која мора да го чува својот рејтинг“.



Составот на кадетската екипа за следната сезона останува ист со дополнување од најмалку две нови засилувања кои ќе ги засилат амбициите на тимот.

„Да, планирани се две-три нови имиња во нашиот состав по што повторно ќе се бориме за самиот врв во најсилниот македонски шампионат“ - истакнува Прошев.