Јован Манев: Вратена е самодовербата, но не треба опуштање по двете победи, во Битола не чека тежок меч

Јован Манев игра во одлична форма и низ пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. Сето тоа заокружено и со новиот повик од Драган Канатларовски за настап во дресот на младата репрезентација во квалификациите за ЕП 2023.

Сепак, пред тоа Манев го очекува утре и гостувањето против Пелистер со Брегалница во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига.

„Се наоѓаме во еден позитивен период по двете претходни победи. Секако тоа не не опушта затоа што знаеме дека Пелистер е навистина цврст противник кој заслужува многу повеќе бодови од моменталните во лигата. И нивното реми на гости со Ренова доволно предупредува. Ќе биде тежок дуел, но јас сум навистина оптимист и посакувам и верувам дека од Битола ќе се вратиме со трите бода“ - вели Јован Манев.

По дуелот со Пелистер за „сините“ ќе следи пауза од првенствените дуели, поради репрезентативните активности. Следниот дуел во шампионатот потоа ќе биде на 3. април против Ренова во Штип.