Мојсов: Против Ренова да ги потврдиме квалитетните игри и резултати од Анталија

Брегалница денеска од 14 часот на Градскиот стадион во Штип ја пречекува Ренова во првиот натпревар од 19. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Стартот на пролетниот дел од шампионатот е повеќе од силен мотив за избраниците на Илчо Ѓорѓиоски за позитивен резултат на домашен терен во желбата за успешен втор дел од сезоната.

Капитенот Даниел Мојсов е оптимист пред средбата со Ренова, верувајќи дека може да се дојде до посакуваните бодови и покрај тоа што „сините“ ги чека тежок натпревар.

„Не чека навистина тежок натпревар против цврст противник кој игра за највисок пласман во лигата. Нема воопшто да ни биде лесно. Навистина ја почитуваме Ренова, но и ние имаме свои амбиции кои не водат оваа сезона. По квалитетните игри во Анталија сигурно посакуваме продолжение во ист стил. Нашата желба е секако победата за која ќе мора секој од нас да го даде максимумот“ - вели Мојсов.

Натпреварот меѓу Брегалница и Ренова од Штип директно ќе биде пренесуван на програмите на МТВ и Спорт Арена.