Брегалница потпиша договор за трансфер на Михаил Маневски во Шкендија

ФК Брегалница денеска официјално потпиша договор за трансфер на левокрилниот дефанзивец Михаил Маневски во редовите на тетовска Шкендија.

Трансферот се реализира исклучиво по желба на фудбалерот, и покрај отворената интенција на ФК Брегалница да го задржи до крајот на сезоната.

„Исклучиво по желба и голема иницијатива на играчот ние се согласивме за трансфер во Шкендија на Михаил Маневски, кој беше еден од носителите на играта на 'сините' имајќи изминативе години целосна поддршка од сопственикот Кирил Гогов па се до стручниот штаб. Ние како клуб не сакавме да се ослободиме од неговите услуги, но пресудна беше желбата на фудбалерот да направи промена на средината мислејќи дека на тој начин ќе напредува во кариерата“ - вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев.

За овој трансфер Брегалница добива трансферна отштета согласно прописите на клубот и заштита на своите интереси.

„Секако ние како клуб ги штитиме своите интереси, па ФК Брегалница добива соодветна трансферна отштета за реализацијата на оваа преселба. На Михаил Маневски му се заблагодаруваме за досегашниот придонес во клубот, посакувајќи му уште долга и успешна кариера“ - истакнува Тонев.