Пенал-рулетот не дозволи пласман во полуфиналето од Купот на Македонија

Фудбалерите на Брегалница не успеаја да се пласираат во полуфиналето од Купот на Македонија откако во четвртфиналната пресметка загубија по изведувањето на пеналите на гостувањето против Силекс во Кратово.

Во регуларниот дел натпреварот заврши 1-1, а во пенал-серијата Силекс победи со 5-4, откако Азиновиќ и Алтипармаковски не ги реализираа ударите од белата точка за составот на Марјан Секуловски.

А, „сините“ се стекнаа со предност на мечот по одличниот старт на второто полувреме кога од левата страна Бобан Георгиев извонредно нафрли на вториот дирек каде Милан Ѓокиќ со глава погоди за 0-1.

Сепак, домашните во 55. минута преку Каланоски успеаја да го израмнат резултатот на 1-1.

И покрај иницијативата на Брегалница и можностите на Кудијан во финишот од средбата, до крајот на регуларниот дел од мечот сепак немаше погодок по што се премина на изведување на ударите од белата точка.

А, во пенал-серијата за „сините“ погодија Кудијан, Маневски, Додев и Ескиќ, а не ги реализираа пеналите Азиновиќ и Алтипармаковски чиј удар во последната серија го одбрани Божиновски.