Ацковски: Мора максимално издание и квалитетна игра ако сакаме победа против Силекс и полуфинале во Купот

Брегалница ги запиша планираните три бода против велешки Борец во 15. коло од Првата македонска фудбалска лига, па сега избраниците на Марјан Секуловски максимално може да се концентрираат на новиот предизвик - четвртфиналето од Купот на Македонија против Силекс кое утре (1. декември) се игра во Кратово.

Еден од најзаслужните за победата над Борец, Кристијан Ацковски го запиша својот прв погодок сезонава за Брегалница. Фудбалерот од средниот ред верува дека тимот ќе одигра квалитетно и против Силекс, па ќе се дојде до посакуваниот пласман во полуфиналето од Купот на Македонија.

„Секако задоволен сум што допринесов со погодок да дојдеме до посакуваната победа против Борец, па сега максимално се концентрираме на четвртфиналето од Купот на Македонија против Силекс“ - вели Ацковски и дополнува:

„Јасно е дека нашата желба е пласман во полуфиналето, но мора да бидеме внимателни против екипа како Силекс која секогаш игра одлично на домашен терен. Ние мора со квалитетна игра и максимално издание да дојдеме до триумф, ако сакаме полуфинале. Факт е дека сакаме со триумф оваа генерација фудбалери на Брегалница да се запише во фудбалската историја на Штип“.

Натпреварот меѓу Силекс и Брегалница од четвртфиналето во Купот на Македонија се игра утре во Кратово со почеток од 13 часот.