И четврто реми на стартот од сезоната: Без победник и против Борец во Велес

И четврто реми за Брегалница во четвртиот натпревар на стартот од сезоната во Првата македонска фудбалска лига. „Сините“ во 4. коло од ПМФЛ одиграа без победник (1-1) на гостувањето против Борец во Велес.

Во натпревар во кој избраниците на Марјан Секуловски доминираа низ сите 90 минути, ремито беше извлечено со голот на Дарко Додев во третата минута од судиското продолжение, откако претходно Борец дојде до предност од 1-0 со случаен погодок на Лука Трајковски во 67. минута.

И покрај надмоќната игра на Брегалница, велешани до предноста дојдоа по една сосема безопасна ситуација. Трајковски шутираше безопасно од околу 20 метри откосо, но благодарение на киксот на младинскиот репрезентативен голман Денковски топката отседна во мрежата.

Во продолжението низ целосна доминација до крајот на мечот до заслуженото израмнување се стигна во 93. минута преку нововлезениот Додев.

Претходно, Брегалница имаше можност да дојде до предност уште во првото полувреме но останаа неискористени неколку одлични шанси. Идеална шанса во 17. минута, имаше и Алтипармаковски откако Мартин Стојанов одлично продре по десната страна и извонредно го проигра но офанзивецот осамен од десеттина метри шутираше покрај голот на Борец.

Брегалница во следното 5. коло од Првата македонска фудбалска лига на домашен терен на 28. август ја пречекува екипата на Академија Пандев.

ПМФЛ - 4. КОЛО
Борец - БРЕГАЛНИЦА 1-1 (0-0)

Стрелци: Трајковски 67' - Додев 90'+3