Брегалница го надигра Шкупи..., реми без голови на стартот од сезоната во Првата лига (ФОТО)

Фудбалерите на Брегалница запишаа одлично враќање во Првата македонска фудбалска лига со квалитетно издание во 1. коло против Шкупи, во кое изостана само погодок и за триумф против големиот фаворит.

Чаирчани како фаворити допатуваа во Штип, но на крај може да бидат задоволни и што во Скопје се враќаат со 0-0. Посебно по одлично одиграното второ полувреме на избраниците на Марјан Секуловски кои тотално го надиграа Шкупи, а само поради нереализацијата останаа без триумф.

Првото полувреме мина во испитување на силите меѓу двата тима. Во 10. минута првата закана од „сините“ кон голот на Шкупи, но шутот на Додев од слободен удар заврши покрај гостинскиот гол. Во 12. минута одлична можност за Брегалница, но по нафрлањето на Манев, за малку задоцни Додев пред голот на Шкупи. По играта на средината од теренот, нова одлична акција на Брегалница во 35. минута. Минчев и Додев убава проиграа, но во мешаницата пред противничкиот гол, повторно расчистуваат дефанзивците на Шкупи.



Во второто полувреме Брегалница со сите сили со атак кон противничкиот гол. Во 52. минута, обид на Додев повторно од околу 20 метри но лесен плен за гостинскиот голман. И, во 54. минута 100% шанса за Брегалница. Одлична акција по левата страна, беспрекорно нафрлање пред голот на гостите каде Ѓокиќ со глава одлично шутира, но само сантиметри покрај левиот дирек од голот на Шкупи.

Во 59. минута Мартин Стојанов нафрли од корнер од левата страна, а Јован Манев највисок во скокот со глава сантиметри над гредата од противничкиот гол, и Шкупи повторно се спасува. Продолжија налетите на „сините“, па во 65. минута гостите спасуваа од самата гол линија по мешаницата и обидот на Ѓокиќ.

Брегалница продолжува со одличната игра до крајот на мечот. Па, во 78. минута следи нова одлична можност. Стојанов нафрли од десно, а пред голот на Шкупи, Ѓокиќ повторно со глава но повторно сантиметри покрај десниот дирек од гостинскиот гол.

Во 88. минута повторно нова извонредна шанса за погодок која остана неискористена, за завршни 0-0 и аплаузи за фудбалерите од присутните навивачи на Градскиот стадион во Штип. Шкупи, пак, остана без ниту една посериозна шанса на дуелот, што доволно зборува за односот на силите на денешниот натпревар.

ПМФЛ - 1. КОЛО
БРЕГАЛНИЦА - Шкупи 0-0

Градски стадион во Штип.