Манев: Брегалница не се опушта, сакаме сезоната да ја завршиме без пораз

Брегалница со победата над Кожуф од 3-0 во претходното коло и дефинитивно ја осигура шампионската круна во Втората лига - Исток, и пласманот во Првата лига следната сезона.

Но, секој поединец во таборот на „сините“ нагласува дека тимот сака без пораз да ја заврши сезоната, па максимално мотивирано ќе ги одигра и последните две кола од првенството. Веќе денеска, во 26. коло, Брегалница на Градскиот стадион во Штип од 16 часот ќе игра со Кит Го.

„Секако презадоволни сме со обезбедениот прволигашки статус. Но, нашата цел е сезоната да ја завршиме без пораз. Па, така ќе играме и на денешниот натпревар против Кит Го, кој тим максимално го респектираме затоа што и тие играат одлична сезона. Но, ние сакаме да ги потврдиме нашите квалитети и уште еднаш да покажеме дека ја заслужуваме Првата лига“ - вели младиот дефанзивец на Брегалница, Јован Манев, кој беше и стрелец на еден од головите во победата против Кожуф претходното коло.

Александар Василевски од Скопје ќе биде главен судија на натпреварот а ќе му помагаат сограѓаните Милош Милошевиќ и Горан Милошевски. Четврти судија на дуелот ќе биде Никола Русевски, исто така од Скопје. Делегат на натпреварот ќе биде Горан Михајловски од Скопје, а контролор - Тони Стојановски.