Секуловски: На пријателските натпревари шанса буквално за секој фудбалер во тимот

Шефот на стручниот штаб на Брегалница, Марјан Секуловски е задоволен од досегашниот тек на подготовките, потенцирајќи дека следи период на одигрување пријателски натпревари на кои подеднаква шанса ќе добијат буквално сите фудбалери на „сините“.

„Веќе сме длабоко во подготвителниот период. Најважно во моментов е и што здравствениот билтен е позитивен, па низ пријателските натпревари идејата е шанса да добијат буквално сите фудбалери, да ги демонстрираат своите перформанси па врз основа на тоа да се склопат коцките околу изгледот на тимот за продолжението од првенството“ - вели Секуловски, веднаш дополнувајќи:

„Амбициите остануваат непроменети, јасно е дека целта на Брегалница е пласман во Првата лига. Имаме предност во однос на конкурентите за првото место, но тоа ниту најмалку не смее да значи било какво опуштање за пролетниот дел од сезоната. Напротив, сето тоа е само обврска повеќе да се продолжи и со уште позасилено темпо“.

Брегалница утре против Осогово, со почеток од 13 часот, во Кочани го игра вториот пријателски натпревар за време на зимските подготовки. На првиот тест дуел одигра во Штип, „сините“ ремизираа (1-1) со екипата на Кит Го.