Засилување од репрезентативен калибар: Муарем Муарем во дресот на Брегалница!

Максимално продолжувајќи согласно своите амбиции за актуелнава сезона, Брегалница доведе засилување од репрезентативен калибар. Нов фудбалер на „сините“ е поранешниот македонски репрезентативец Муарем Муарем.

32-годишниот Муарем, кој е со исклучително богата интернационална кариера, потпиша договор до јуни 2022 година, со можност за продолжување на истиот за уште две години. Сосема е јасно дека треба да биде вистинско засилување во средниот ред на патот до прволигашката промоција.

„Ангажиравме фудбалер од репрезентативен калибар, согласно добро познатите амбиции на клубот. Ако е добро познато дека Брегалница е исклучително млада екипа, ни беше неопходен искусен фудбалер како можност и за напредок на младите фудбалери. Искуство, стабилност и лидерство се носи во екипата со ангажманот на Муарем, нешто кое ни недостасуваше изминатиов период“ - истакна спортскиот директор на ФК Брегалница, Никола Тонев, веднаш по промоцијата на Муарем.



Муарем, кој на македонската сцена има настапи за Скопје, Работнички, Тетекс и Шкупи, на интернационалната сцена зад себа има повеќе од извонредни настапи, пак, за турските Ордуспор и Ескишехир, азербејџански Карабах, казахтански Актобе и албанскиот суперлигаш Фљамуртари.

Во дресот на А-репрезентацијата на Македонија најновото засилување на Брегалница има седум официјални настапи, а претходно ги минал и сите младински репрезентативни категории.