Со натпреварот против Слога Виница на гостински терен денеска од 13 часот во 16. коло, фудбалерите на Брегалница го заокружуваат есенскиот дел од Втората лига - Исток кој го завршуваат на лидерската позиција на табелата.
Секако, силен е мотивот и желбата кај избраниците на Марјан Секуловски есентта да се заврши со победа, иако се свесни дека Слога е повеќе од незгоден противник против кој мора да се даде максимумот.
„Брегалница на секој натпревар оди на триумф и три бода. Така ќе биде и во Виница затоа што сакаме со победа да го завршиме есенскиот дел. Нормално, максимално ја почитуваме екипата на Слога која игра квалитетен фудбал, но ние во добра серија сме и посакуваме на тој начин да ја завршиме оваа етапа од првенството“ - вели младиот дефанзивец на „сините“, Јован Манев.