Крај на сезоната - Без завршница во Купот, Брегалница и без можност да се бори за првата титула во историјата

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија  денеска донесе одлука за целосен прекин на сезоната во Првата македонска фудбалска лига, но и во Купот на Македонија. Со тоа скратена е можноста Брегалница да се бори за првиот свој трофеј во македонската фудбалска историја.

„Имајќи ја во предвид целокупната епидемиолошка ситуација во земјата и фактот дека бројот на ново заболени секојдневно се зголемува,  Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за прекин на натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ и натпреварувањето во Купот на Македонија“ – се вели во соопштението по состанокот на УО на ФФМ.

Брегалница во полуфиналето од најмасовното домашно клупско натпреварување требаше да се соочи со Академија Пандев. Но, сега и дефинитивно е завршена сезоната за „сините“ кои и следната сезона ќе настапуваат во Втората лига - Исток.