И младинските селекции ги почнаа подготовките за пролетниот дел

И најдобрите состави од младинските категории на ФК Брегалница, по крајно успешната есенска полусезона, денеска ги стартуваа подготовките за продолжението од сезоната.

Извонредни резултати запишаа момчињата од младите категории на „сините“ во првиот дел од сезоната, па сосема очекувано високи се амбициите и за пролетниот дел.

„Целта на Брегалница е секако да се врати во Супер лигите на Македонија во младинска конкуренција. Имавме успешна есенска сезона, па сигурно сето тоа ни дава сериозен простор и за успешен втор дел од шампионатот“ - истакна пред денешниот почеток на подготовките на младите селекции, координаторот на младинската школа на Брегалница, Борче Постолов.

По есенскиот дел, пионерите, кадетите и младинците се на првото место на табелата во соодветните конкуренции. Единствено помладите пионери, по првиот дел од сезоната, се на 4. место. Кадетите обезбедија место и во полуфиналето од Купот на Македонија.