Мартин Стојанов е избран за играч на месецот од МАКФУДБАЛ

Еден од најдобрите фудбалери на Брегалница, Мартин Стојанов е избран за играч на месецот во изборот на специјализираниот македонски фудбалски портал, МАКФУДБАЛ (www.makfudbal.mk).

„Брегалница е, без сомнение, тим кој од неколку пооделни аспекти се издвојува на домашната второлигашка сцена по првиот дел од сезоната. Меѓу нив и оној резултатскиот како еден од најдобрите фудбалски колективи на Истокот. А, дефинитивно, еден од темелите на тимот е Мартин Стојанов кој зад себе остави беспрекорен месец со настапите во синиот дрес. 20-годишниот Стојанов запиша зад своето име изминатава полусезона 14 првенствени натпревари и четири во Купот на Македонија, притоа со осум постигнати погодоци од кои два во шампионатот. Сето тоа повеќе од доволно за издвојување како играч на месецот“ - пишува МАКФУДБАЛ.

Фудбалерот на Брегалница не го крие задоволството од добиеното признание...

„За мене навистина претставува огромно задоволство што го добивам ова признание кое навистина ми значи. Ова е еден вид и признание за целиот тим и начинот на кој Брегалница функционира оваа сезона. Ако се се анализира мислам дека зад нас имаме успешна полусезона по која секако и за пролетниот дел остануваме во трката за највисоките позиции во Втората лига - Исток. Јасно е дека има повеќе квалитетни екипи кои конкурираат за водечките две позиции. Долго е првенството во кој секој е со своите цели и амбиции, но ние мора да бидеме максимално фокусирани до крај“ - вели Стојанов.

Брегалница по крајот на есенскиот дел се наоѓа на втората позиција на табелата во Втората лига - Исток со 31 бод, три помалку од водечката Беласица, а еден повеќе од третопласираниот Кит Го.