АНАЛИЗА НА МЛАДИНСКИТЕ СОСТАВИ: Рунтев е најдобриот стрелец, највисоката победа од 0-9

Пионерско-младинските состави се гордоста на Брегалница во првиот дел од актуелната сезона. Извонредни резултати бележат сите четири возрасни категории издвојувајќи го клубот како најсериозен кандидат за влез во младинската Прва лига следната сезона.

Анализирајќи ги резултатите од првиот дел од шампионатот, неизбежен е впечатокот за повеќе од квалитетната полуетапа на младинците кои се предводени од тренерот Мијалче Прошев.

Првиот дел од сезоната ја завршија со осум победи, едно реми и еден пораз, и 25 бода со гол-разлика од 46-12. Младинскиот состав на Брегалница е со најмногу постигнати голови во лигата.

Марио РунтевНајдобар стрелец е Марио Рунтев со 11 погодоци од 9 натпревари, кој веќе се наметнува и за првиот тим на Брегалница. Рунтев изминатава есен запиша и еден настап за сениорскиот состав.

Највисока победа есенва е 0-9 на гостувањето против Милано во Куманово, а убедлива победа за издвојување е и онаа во Штип од 9-0 против Куманово.

Од младинскиот состав секако, според своите игри, за издвојување се и Тони Мичковски, Мишко Арсовски, кои веќе тренираат и настапуваат за првиот тим, но и Бојан Ладев, Ѓорѓи Зашев...

Кадетскиот состав, кој е предводен од тренерот Влатко Давитков, сезоната ја заврши, исто така на првото место на табелата со 25 бода (осум победи, реми и еден пораз) и гол разлика од 26-6.

Кадетите се издвојуваат и по пласманот во полуфиналето од Купот на Македонија. Во четвртфиналето кадетите убедливо го елиминираа битолски Пелистер со две победи, 5-0 на домашен терен во Штип и 2-4 на гостувањето во Битола.