Слатка одмазда: Голема победа во дербито против Тиквеш среде Кавадарци

На најдобар можен начин Брегалница му се одмазди на Тиквеш за незаслужената победа од 0-1 на првата меѓусебна средба сезонава во Штип. „Сините“ во дербито на 14. коло од Втората лига - Исток славеа со 0-2 (0-0) среде Кавадарци, на тој начин со двојна мера реванширајќи се првиот пораз.

Брегалница беше многу подобар противник, пред се во второто полувреме кога тотално доминираше на теренот за повеќе од заслужени три бода.

Во првото полувреме максимално рамноправна игра главно на средината од теренот без ниту една посериозна шанса на двете страни. Домашните имаа привидна иницијатива но без ефект. Сите обиди на кавадарчани стопирани од дефанзивата на „сините“ која одлично поставена не дозволи посериозна закана по голот на Давор Талески.




И, веднаш на почетокот на вториот дел „ладен туш“ за домашните навивачи. Во 48. минута прекрасна акција на Брегалница, извонреден центаршут од левата страна испрати Филип Миленковски а Пепи Ѓорѓиев со прекрасен удар со глава од десеттина метри постигнува извонреден погодок за водство од 0-1.

Во продолжението продолжуваат атаците на „сините“ кон домашниот гол, па во 56. минута нов одличен шут од 18 метри на Ѓорѓиев, и кога сите ја видоа топката во мрежата одлична интервенција на Игески исфрлајќи во корнер.

Но, веќе во 62. минута никој не можеше да спречи водство од 0-2. Прекрасно изведен корнер на Мартин Стојанов од левата страна, а на првиот дирек Дарко Стојанов со скок со глава ефектно сместува под гредата од голот на Тиквеш.

До крајот составот на Добринко Илиевски низ далеку подобра тактичка и техничка игра од домашните само рутински ја одржуваше предноста со максимална контрола на играта во средниот ред за конечен триумф од 0-2.


По оваа победа Брегалница ќе презими на втората позиција на табелата во Втората лига - Исток со 31 бод, веднаш зад водечката Беласица со 34 бода.

ВТОРА ЛИГА - ИСТОК (14. коло)
ТИКВЕШ - БРЕГАЛНИЦА 0-2 (0-0)

Градски стадион во Кавадарци. Гледачи: 2.000. Стрелци: Ѓорѓиев 48', Д. Стојанов 62' (Б).



ВТОРА ЛИГА - ИСТОК, 14. КОЛО
Тиквеш - Брегалница 0-2
Каменица Саса - Кожуф 3-1
Беласица - Плачковица 4-2
Кит Го - Питу Гули 3-1
Победа - Осогово 5-1