„Сините“ несовладливи во Скопје: Брегалница во четвртфиналето од Купот на Македонија!

Брегалница обезбеди место во четвртфиналето од Купот на Македонија елиминирајќи го еден од најдобрите прволигаши во моментов во македонскиот фудбал, тимот на Македонија ЃП. На реванш дуелот од осминафиналето избраниците на Добринко Илиевски одиграа без голови (0-0) што беше доволно за продолжување понатаму во најмасовното домашно клупско натпреварување по победа од 1-0 во првиот меч во Штип.

„Сините“ одиграа тежок, цврст натпревар против фаворитот, на крајот сосема заслужено за реми кое носи во четвртфинале. Јасна беше определбата за зачувување на предноста од првиот натпревар што фудбалерите на Брегалница низ максимална борбеност и беспрекорност во дефанзивата успеаја и да ја реализираат.

И покрај постојаните обиди на домашните да дојдат до погодок сепак сигурната одбрана на Брегалница не дозволи посериозни шанси за фудбалерите на Македонија ЃП, па на крајот повеќе од заслужено реми за четвртфинале во Купот.