За победничко враќање во Штип - пресметка со Кожуф (18 ч.)

Фудбалерите на Брегалница повторно се враќаат на својот стадион во шампионатот од Втората лига - Исток.

Сините“ денешниот натпревар од 9. коло против гевгелиски Кожуф повторно ќе го играат на Градскиот стадион во Штип откако комплетно е подготвен новиот терен, по целосната реконструкција. Огромна е желбата за потврда на квалитетот и победничко враќање во својот Штип на составот на Добринко Илиевски.

Факт е дека следи повеќе од тежок дуел со исклучително квалитетниот тим на Кожуф кој изминативе кола ја потврди својата желба и за прволигашка промоција, но факт е дека фудбалерите на Брегалница посакуваат сега да им понудат уште еднаш на своите навивачи триумфална радост.


Главен судија на натпреварот ќе биде Игор Стојчевски од Скопје, а ќе му помагаат сограѓаните Даниел Василевски и Александар Недевски. Четврти судија на мечот ќе биде Дарко Стојчевски, исто така од Скопје. Делегат - Владо Крстевски од Скопје, а контролор - Љубе Ристевски од Демир Хисар.