Здравков: Честитки за момците, одиграа одличен натпревар кој покажа дека можеме секого да победиме во лигата

Брегалница одигра одличен натпревар во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига нанесувајќи и го првиот пораз сезонава на АП Брера од Струмица.

На Градскиот стадион во Штип, избраниците на Горан Здравков одиграа извонредно прво полувреме во кое со голот на Фабрицио Венегас го решија победникот на дуелот. Сето тоа, без сомнение, на задоволство на Здравков кој беспрекорно ја постави играта на патот до трите бода, но на задоволство и на најверните навивачи на „сините“.

„Може да искажам искрени честитки за момците за победа, играта и начинот на кој се бореа за синиот дрес во текот на целиот натпревар. Одигравме еден фантастичен натпревар, посебно во првото полувреме, кое можевме и поубедливо да го добиеме. Во второто полувреме повторно имавме можности за зголемување на резултатот, но на крај секако задоволство е од освоените три бода“ - вели Здравков, притоа дополнувајќи:

„Брера досега ги имаше сите победи во првите четири кола, а ние покажавме дека можеме буквално секого да победиме. Заслужено дојдовме до трите бода, овие момци го потврдија својот квалитет и верувам дека на следните натпревари ќе биде уште подобро“.