Здравков: За жал во фудбалот не секогаш ако играте добро значи и дека ќе победите

Фудбалерите на Брегалница одиграа рамноправен натпревар, но загубија се чини и преубедливо со 2-0, со оглед на прикажаното, на гостувањето против Шкендија во Тетово.

Наивен гол им пресуди на избраниците на Горан Здравков за водство на Шкендија во моменти кога „сините“ доминираа на терен. Но, шефот на стручниот штаб е свесен дека во фудбалот не се непознаница вакви натпревари, па затоа веднаш треба да се заборави дуелот во Тетово и сите мисли да се насочат кон натпреварот со АП Брера кој веќе во недела ја очекува Брегалница во Штип.

„Мислам дека овој пат навистина не заслуживме пораз во Тетово, затоа што одигравме квалитетен дуел во кој можевме први да дојдеме до предност а потоа мечот сигурно ќе имаше поинаков тек. За жал, примивме наивен гол како казна за нашите нареализирани 100% шанси. Уште еднаш се покажа дека во фудбалот не секогаш ако играте добро мора и да победите. Нас ни пресуди тој прв гол кој ни покажа дека мора да бидеме максимално концентрирани буквално во секој момент од натпреварот ако сакаме бодови“ - истакнува Здравков.

Брегалница во недела од 16:30 часот ја очекува новиот сериозен предизвик против лидерот АП Брера Струмица.