Со прекрасниот гол на Колин Андерсон до триумф против Силекс на стартот од новата сезона

Фудбалерите на Брегалница на најдобар можен начин ја почнаа новата сезона во Првата македонска фудбалска лига со триумф од 2-1 против Силекс во 1. коло.

Новата сезона стартуваше со одличен натпревар на Градскиот стадион во Штип со три прекрасни погодоци во мечот во кој Брегалница целата задача си ја реши со извонредно одиграното прво полувреме.

Избраниците на Горан Здравков дојдоа до предност со голот на Димитриј Димитриевски во 23. минута а на асистенција на неговиот брат-близнак Михаил Димитриевски. Интересно, Димитриј се најде во првиот состав на само неколку минути пред мечот откако беше јасно дека првично предвидениот стартер Зоран Андонов поради повреда нема да може да игра во првото коло. И Димитриј Димитриевски се оддолжи на најдобар можен начин на довербата - со погодок за водство од 1-0.

Сепак, Силекс брзо израмни во 26. минута со голот на Милосављевиќ.

Но, ниту тоа не траеше долго откако во 32. минута следеше најубавиот момент на мечот. Феноменален гол на засилувањето Колин Андерсон кој по соло акција долга 40 метри на мајсторски начин со извонреден шут погоди под гредата од голот на Силекс за водство на Брегалница од 2-1.

Во второто полувреме, „сините“ рутински ја одржуваа предноста не дозволувајќи во ниту еден момент победата да биде доведена во прашање.

ПМФЛ - 1. КОЛО
Штип: БРЕГАЛНИЦА - СИЛЕКС 2-1
Д. Димитриевски 23', Андерсон 32' - Милосављевќ 26'
Охрид: ВОСКА - ШКЕНДИЈА 0-1
Аганспахиќ 90+1'
Струмица: АП БРЕРА - ВАРДАР 1-0
Јанкулов 59'
Струга: СТРУГА ТЛ - ГОСТИВАР 2-0
Радески 22', Јаровиќ 90'+1
Кавадарци: ТИКВЕШ - МАКЕДОНИЈА ЃП 1-0
Ивановски 42'
УТРЕ (17 ч.)
Скопје: РАБОТНИЧКИ - ШКУПИ