Иван Николов и Михаил Димитриевски на списокот на Канатларовски за пријателските натпревари со Ерменија и со Малта

Фудбалерот од средниот ред Иван Николов, како и дефанзивецот Михаил Димитриевски, се најдоа на списокот на селекторот на младата репрезентација Драган Канатларовски за престојните два пријателски натпревари против Ерменија и против Малта.

Првиот контролен меч Македонија го игра против селекцијата на Ерменија на 15. јуни, а пет дена подоцна е втората контролна пресметка против репрезентацијата на Малта. Двете пријателски средби, избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе ги одиграат на тренинг центарот „Петар Милошевски" во Скопје, со почеток од 17 часот.

Натпреварите против Ерменија и Малта ќе бидат последни проверки за нашите млади фудбалери пред почетокот на квалификацискиот циклус за пласман на Европско првенство во септември.