Здравков: Нема и не смее да има разочарување, против Шкупи кон ново позитивно издание

По осум натпревари без пораз во пролетниот дел од шампионатот, со четири победи и четири ремија, Брегалница минимално загуби од Шкендија во претходното коло од Првата македонска фудбалска лига.

Но, сето тоа не носи и не смее да носи разочарување во таборот на Горан Здравков ако се знае дека тимот го очекуваат уште многу предизвици до крајот на првенството. Првиот веќе денеска од 16 часот на гостувањето против актуелниот шампион Шкупи во Чаир, во 29. коло од ПМФЛ.

Сигурно кај секој поединец во составот на „сините“ има огромен мотив за надигрување со еден од најдобрите тимови во лигата. Шефот на стручниот штаб Горан Здравков, кој на извонреден начин го води тимот пролетва, верува дека ќе се даде максимумот во желбата за ново позитивно издание.

„Нема и не смее да има разочарување по оној минимален пораз од Шкендија. Ние дефинитивно ќе се бориме до крај за секој бод за секоја победа во шампионатот. Така ќе биде и денеска иако знаеме дека Шкупи е исклучително силен тим кој се бори за шампионската титула“ - вели Здравков и дополнува:

„Но желбата е во Скопје да се претставиме во ново позитивно издание. Верувам и знам дека сите фудбалери ќе го дадат максимумот, а јас како тренер сигурно очекувам и посакувам позитивен резултат. Сите ние добро ги видовме нашите квалитети оваа пролет, и затоа цврсто треба да продолжиме на тој пат“.