Додев: Продолжуваме каде застанавме, веруваме во добар натпревар и против Тиквеш

По репрезентативната пауза, фудбалерите на Брегалница повторно се враќаат на прволигашките активности овој пат со дербито на Истокот во 25. коло од ПМФЛ против Тиквеш утре од 15 часот на Градскиот стадион во Штип.

Огромен е мотив меѓу избраниците на Горан Здравков, посебно по одличните последни изданија во шампионатот, сега да се продолжи во ист стил иако сите во тимот добро знаат дека Тиквеш е секогаш повеќе од тежок ривал.

Но, оптимизам постои, а тоа не го крие и Дарко Додев...

„Носиме силен мотив за продолжението од првенството. Паузата ја искористивме за ново темпирање на формата и сега верувам дека ќе продолжиме во ист стил и дека ќе дојдеме до нови три бода“ - вели Додев, и дополнува:

„Комплетни сме и подготвени за новиот предизвик. Како и претходно размислуваме само за секој следен натпревар. На секој дуел одиме на победа, иако против Тиквеш знаеме дека ќе биде тешко затоа што и тие секогаш се дополнително мотивирани за натпреварите во Штип. Но, со поддршка од навивачите, верувам дека можеме до триумф“.