Горан Здравков: Ја финишираме и третата фаза од подготовките во желбата да се дојде до посакуваната натпреварувачка форма за пролетта

Фудбалерите на Брегалница на домашен терен, во Штип, под водство на шефот на стручниот штаб Горан Здравков ги финишираат подготовките за пролетниот дел од шампионатот во Првата македонска фудбалска лига.

Низ досегашниот дел од подготовките „сините“ одиграа шест пријателски натпревари со запишани четири победи, едно реми и еден пораз, и вкупна гол-разлика од 7-5 што без сомнение носи задоволство кај стручниот штаб.

Но, пред се, основното задоволство кај стратегот Горан Здравков е начинот и дисциплината со која играчите ги одработија подготовките во Охрид и пристапот и на тренажниот процес и на самите тест-натпревари што овозможува сега да бидат финиширани според посакувањата подготовките и да се добие неопходната натпреварувачка форма.

„Ги финишираме подготовките со третата финална фаза преку која желбата е да се постигне посакуваната натпреварувачка форма. Може да кажам дека задоволен сум од подготовките во Охрид, дисциплината и пристапот на играчите и на тренажниот процес и на самите натпревари па верувам дека подготовени ќе го дочекаме стартот на пролетниот дел од сезоната“ - вели Горан Здравков.

„Во Охрид го реализиравме планираното и од аспект на комплетен тест на сите фудбалери низ четирите пријателски натпревари. Сите фудбалери добија шанса, па сега останува уште финишот пред креацијата на тимот за продолжението од првенството“.

За „сините“ останува уште „генералката“ против Беласица која ќе се одигра на 12. февруари против струмичка Беласица на Градскиот стадион во Штип. Засега надвор од тренажниот процес, поради повреда, се уште е напаѓачот Милан Ѓокиќ, а сите останати се на располагање на стручниот штаб.