Давид Калпачки, прво засилување за Брегалница за пролетниот дел од шампионатот

Низ првите денови на новата година, ФК Брегалница го ангажираше и првото засилување за пролетниот дел од шампионатот. Нов фудбалер на „сините“ е поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Давид Калпачки кој доаѓа од редовите на ФК Скопје.

22-годишниот Калпачки, кој до изминатата година беше член на младата репрезентација на Македонија, ќе го засили средниот ред на тимот на Горан Здравков. Со ангажманот на Калпачки, Брегалница продолжува со сопствената интенција за поддршка и промоција на млади и талентирани фудбалери на кои треба да се гради и тимот.

Калпачки потекнува од младинската школа на Хоризонт Турново, играше во својата кариера и за Беласица како и за словенечка Крка, од каде на почетокот од сезонава потпиша за Скопје. Сега, низ продолжението на првенството, ќе го носи синиот дрес.