Коцев: Сакаме со три бода да го завршиме првиот дел од сезоната

Брегалница утре од 13 часот на Градскиот стадион во Штип ја пречекува прилепска Победа во последниот натпревар од есенскиот дел во сезоната од Првата македонска фудбалска лига.

Нескриени се посакувањата во таборот на „сините“ со победа да се заокружи првиот дел од шампионатот. Искусниот дефанзивец Стефан Коцев нагласува пред мечот дека огромен е мотив кај сите во тимот да се дојде до победата 

„Навистина желбите се со три бода да ја завршиме полусезоната. Но, знаеме дека за да дојдеме до тоа ќе треба да се даде единствено максимумот, со извлечени поуки од првата меѓусебна средба во Прилеп, и со фокус на квалитетот на нашата игра. На утрешниот дуел секако ќе играме за триумф со кој би биле во горниот дел од табелата. Верувам дека нема да ги разочараме сите наши навивачи од кои утре очекуваме поддршка“ - вели Коцев.

Натпреварот меѓу Брегалница и Победа ќе го суди Јован Качевски од Струга.