Шчекиќ: Начинот на игра против Шкендија носи дополнителен мотив за триумф на денешниот дуел против Силекс

Фудбалерите на Брегалница денеска од 14 часот на Градскиот стадион во Штип ги очекува дерби-пресметката на Истокот во 11. коло од Првата македонска фудбалска лига против кратовски Силекс.

По одличната игра на претходниот дуел против Шкендија во Тетово, избраниците на Илчо Ѓорѓиоски посакуваат продолжување во ист стил и против Силекс, кој игра одлично на стартот од новата сезона издвојувајќи се во самиот врв на табелата.

Голманот Немања Шчекиќ е еден од најдобрите поединци на Брегалница низ досегашните десет рунди од шампионатот, за што потврда се само седумте примени голови. Беше извонреден на дуелот со Шкендија, а сега верува дека тимот може повторно да одигра на високо ниво и да дојде до посакуваните три бода.

„Одигравме навистина квалитетен натпревар против една од најдобрите екипи во лигата Шкендија, и тоа сигурно носи дополнителен мотив кај секој од нас за следните натпревари. Не очекува уште еден тежок натпревар, сега против Силекс. Но, веруваме во себе, мислам дека навлегуваме во посакуваниот ритам и со поддршка од навивачите сигурно сакаме цел плен од денешниот дуел“ - вели Шчекиќ.