По паузата која што траеше подолго од очекуваното, на македонските терени се враќаат фудбалските возбудувања и на програмата е новото коло од Купот на Македонија.
Штипска Брегалница игра одлично во второлигашкото друштво, но сега пред себе ќе има голем предизвик, затоа што ќе се судри со прволигашот Работнички. Влатко Костов, тренерот на „сините“ од Штип верува во возбудлив натпревар и посакува неговиот тим да обезбеди понатамошен пласман.
„На Куп-натпреварот со Работнички одиме максимално мотивирани и спремни. Како и на секој друг натпревар оваа сезона, нашата цел е победа, а со тоа и пласман во следната рунда. Работнички е клуб составен од квалитетни играчи, имаме целосен респект, но ние ќе ја играме нашата игра и ќе се потрудиме да ја исполниме целта. На теренот ќе истрчаа најдобрите и најподготвените единаесетмина кои во моментов ни се на располагање. Очекувам добар и возбудлив натпревар со една дисциплинирана игра да се пласираме понатаму во Купот“, рече искусниот стратег.
Натпреварот меѓу Работнички и Брегалница се игра во вторник во Скопје, со почеток од 14:00 часот.