Убедливо издание и триумф од 2-0 над шампионот (ФОТО)

Фудбалерите на Брегалница ја запишаа и третата победа во петтиот свој натпревар сезонава, триумфирајќи повеќе од заслужено со 2-0 против шампионот Шкупи во 6. коло од Првата македонска фудбалска лига.

„Сините“ беа далеку подобар тим на теренот на Градскиот стадион во Штип оставајќи повеќе од квалитетен впечаток со игра преку која можеа и до поубедлива победа. 

Четири 100% шанси за погодок избраниците на Илчо Ѓорѓиоски имаа уште во првото полувреме, но не успеаја да ги искористат најпрво Силјановски во 39. минута, потоа во 42. минута следеше и одличниот шут на Ѓорѓиев кој го одбрани гостинскиот голман Наумовски, а во 45. минута Додев и Николов имаа две извонредни можности, но резултатот на полувремето остана непроменет.



Сепак, сето тоа што се пропушти во првиот дел беше надополнето во второто полувреме. Иницијативата вроди со плод во 77. минута кога Ѓорѓи Ѓорѓиев директно од слободен удар од 20 метри, со помош и на живиот ѕид на гостите, го изненади голманот на Шкупи за водство од 1-0.

По одличната акција во 85. минута, Додев одлично шутираше, Наумовски одбрани но на одбиената топка натрча Ѓорѓиев и со својот втор гол ги постави конечните 2-0.

До крајот Брегалница имаше уште неколку шанси за гол, но се заврши со триумф од 2-0.

ПМФЛ - 6. КОЛО 
БРЕГАЛНИЦА - ШКУПИ 2-0

Градски стадион во Штип. Гледачи: 2.000. Стрелец: Ѓорѓиев 77', 85' (Б).