Илчо Ѓорѓиоски: Брегалница во новата сезона чекор по чекор до својата цел!

Со натпреварот против Академија Пандев во Струмица, Брегалница утре ја почнува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Нов шампионат за „сините“ пред кои се нови предизвици и цели како потврда на зацртаните високи амбиции во елитното друштво.

Брегалница мина успешен подготвителен период со шест одиграни натпревари, од кои четири победи и две ремија, и притоа со само еден примен погодок, и вкупна гол-разлика од 10-1. Сепак, целокупната подготовка треба да се преточи низ игрите и во првенството како потврда на успешно сработеното.

„Ако ги оценуваме подготовките, колку биле успешни ќе се види низ игрите на терен и резултатите во новиот шампионат. Но, мотото на Брегалница и во новата сезона ќе биде чекор по чекор до својата цел. Јасно е дека буквално секој натпревар е најважниот за нас во првенството, и така верувам ќе се однесуваме на терен. Но, ако нешто знам тоа знам дека моите фудбалери на сите средби ќе дадат се од себе за да дојдат до позитивни резултати...“ - вели шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски.



На стартот од новата сезона „сините“ веднаш се соочуваат со една од најдобрите екипи во лигата, струмичка Академија Пандев.

„Секоја средба на почетокот од еден шампионат е спеицифична и многу важна. Нашата желба и амбиција е секако позитивен резултат од Струмица. Јасно ни е дека се соочуваме со екипа која веќе години наназад е една од најдобрите во лигата, и која веќе во континуитет е постојан учесник во европските купови. Играат на домашен терен каде се покажа изминативе години дека се неприкосновени. Но, ние патуваме да се надигруваме со Академија Пандев и секако носени од силен мотив да дојдеме до посакуван успех“ - истакнува Илчо Ѓорѓиоски.

Натпреварот меѓу Академија Пандев и Брегалница во 1. коло од ПМФЛ се игра утре (7. август) со почеток од 17:30 часот во Струмица.