Нова инфраструктурна инвестиција: Поставени рефлектори на сите тренинг-терени, креирање идеални услови за младите категории!

Паралелно со негување на високо-професионалните резултатски амбиции поврзани со првиот тим, ФК Брегалница неизбежно е фокусирана и на инфраструктурното модернизирање на клубот како еден од клучните начини за вистински развој на младите категории.

Повеќе од јасно е дека секој еден вистински професионално поставен клуб својата иднина мора да ја темели на младинската академија која треба да биде клучот за реализација на сите високо поставени резултатски амбиции. А развојот на младите категории во клубот, пак, секогаш е тесно поврзан и со соодветните инфраструктурни услови, поради што ФК Брегалница инвестираше во поставување рефлектори, согласно највисоките европски стандарди, за осветлување на сите фудбалските терени на клубот на кои работат младинските категории.



По поставувањето на осветлување и на терените на Бело Брдо, како дополнение на изградбата и адаптирањето и на терените во Суитлак, веќе буквално сите младински категории во иднина ќе имаат идеални услови за работа, со соодветна можност и за тренинзи и во вечерните часови од денот.



Продажбата на своите млади фудбалери како начин и за финансиско надоградување на клубот, покрај овозможувањето елитни кариери за своите таленти, сигурно е мотив повеќе за максимална инвестиција во младите категории токму преку обезбедување услови за нивен развој.

Вложувањето во инфраструктурата на клубот, од страна на раководството на ФК Брегалница предводено од сопственикот Кирил Гогов стартуваше и со изградбата на новите простории на клубот, заедно и со сместувачките капацитети на Градскиот стадион во Штип, а сето тоа продолжено и со проектот за изградба на комплетно новата западна трибина со поддршка од ФФМ преку Хет-трик програмата на УЕФА и општина Штип. Активен е и проектот за Источната трибина со што Брегалница и Штип би добиле репрезентативен фудбалски стадион кој во иднина ќе биде домаќин и на националните селекции.