Триумф против прилепска Победа во првиот пријателски натпревар од летните подготовки

Фудбалерите на Брегалница триумфираа со 2-0 (0-0) против поранешниот македонски шампион и повратник во Првата македонска фудбалска лига, прилепска Победа во првиот подготвителен натпревар за новата 2022/23 сезона.

На пријателскиот дуел кој се одигра на Градскиот стадион во Штип, избраниците на Илчо Ѓорѓиоски беа подоминантен противник од составот на Бобан Бабунски, сосема заслужено стигнувајќи до триумфот со двата погодоци во второто полувреме.

Откако првиот дел мина без голови, Милан Ѓокиќ погоди во 57. минута за водство на Брегалница од 1-0, а потоа во 88. минута стрелаше и Дарко Додев за конечни 2-0.

Шефот на стручниот штаб Илчо Ѓорѓиоски на натпреварот шанса даде на сите расположиви сили во моментов, кои активно конкурираат за место во првиот тим за новата сезона.

Следниот пријателски натпревар на Брегалница е закажан за 9. јули против Работнички, исто така на Градскиот стадион во Штип.