Јован Манев: Благодарам Брегалница за се..., во иднина со моите игри ќе го бранам и името на клубот насекаде во светот!

По беспрекорната сезона во дресот на Брегалница и македонската репрезентација реализација и на трансфер согласно посакувањата и очекувањата за 21-годишниот Јован Манев кој денеска официјално потврден во дресот на турскиот суперлигаш Адана Демирспор.

Брегалница успеа да го договори трансферот за својот млад фудбалер кој треба да биде силна отскочна даска за централниот дефанзивец кон европската фудбалска елита. Токму затоа и Јован Манев не го крие задоволството од реализацијата на трансферот, но и благодарноста кон ФК Брегалница и раководството на клубот за се што направија за неговата кариера.

„Може да кажам дека се реализираат моите цели, амбиции, соништа со реализацијата на трансферот во Адана, за кој мора да искажам огромна благодарност и до Брегалница, до сопственикот на клубот Кирил Гогов, раководството и сите во клубот за развојот на мојата кариера. Ништо од ова немаше да биде возможно без сите нив. Затоа во иднина и со моите игри ќе го бранам и името на клубот насекаде во светот! Сигурно моите амбиции не застануваат само тука и желбата е да се продолжи уште поквалитетно во развојот на идната кариера. Сакам да се заблагодарам и на сите навивачи на Брегалница и до фудбалски Штип кои сите овие години ми даваа неизмерна поддршка“ - вели Јован Манев по официјализацијата на трансферот во турскиот суперлигаш Адана Демирспор.

Во Адана, Јован Манев од клупата ќе биде воден од поранешниот италијански репрезентативец Винченцо Монтела, а негов соиграч во тимот ќе биде легендарниот Марио Балотели.