Брегалница договори трансфер на Јован Манев во турската Адана!

Брегалница со најголемиот трансфер на свој фудбалер во историјата на клубот. Младинскиот репрезентативец на Македонија и еден од најдобрите фудбалери на Брегалница изминативе години, Јован Манев својата кариера ја продолжува во турскиот суперлигаш Адана Демирспор!

По неколкудневните интензивни преговори меѓу двата клуба и официјално договорена е преселбата на 21-годишниот Манев во Адана, трансфер на кој Брегалница е исклучително горда како начин и за промоција на сопствениот начин на работа со силна поддршка за младите и талентирани македонски фудбалери.

По одличната сезона во синиот дрес и во дресот на македонската репрезентација Јован Манев сега со крупни чекори на интернационалната сцена и тоа во клубот кој е предводен од клупата од легендарниот поранешен италијански репрезентативец Винченцо Монтела, а во чии редовите настапува поранешниот фудбалер на Интер, Милан, Манчестер сити, Ливерпул..., Марио Балотели.

„И овој трансфер е силна потврда на сите наши заложби за максимална поддршка на младите и талентирани фудбалери, кои како што истакнавме и со преземањето на клубот, ќе бидат секогаш максимално промовирани во интерес и на нивните кариери, на клубот и на македонскиот фудбал воопшто. Горди сме што се реализира еден ваков трансфер, и среќни што Јован Манев зачекорува низ кариера каква што секако заслужува“ - вели спортскиот директор на Брегалница, Никола Тонев, по дефинитивната официјализација на договорот меѓу нашиот клуб и турскиот суперлигаш Адана Демирспор.

Манев откако денеска успешно ги мина и лекарскиот прегледи во Адана, се очекува наредниве денови да ја има и официјалната промоција во својот нов клуб.